Југоисточна Европа EDC информатор

___________________________________

Издание бр. 5,  декември 2005

Предговор на издавачката

Драги колешки и колеги,

дали веќе сте го слушнале поимот „Граѓани на повеќе нивоа“? Јас не, и поради тоа за мене беше многу интересен прилогот на проф. д-р Шуман од Универзитетот Тибинген
, кога го слушнав на еден семинар во ноември, во Тирана.

Успеав да го наговорам проф. Шуман да го преработи своето предавање како прилог за нашиот информатор и ме радува тоа што овој пат можам да Ви понудам една не толку едноставна тема „Предизвиците за политичкото образование во 21 век“ донекаде како материјал за размислување за време на зимскиот распуст.

 

 


Покрај тоа, би сакала да Ви претставам една иницијатива од Босна и Херцеговина: НВО Independent од Зеница. Организацијата е исто така релевантна и за други земји во Југоисточна Европа, бидејќи таа го преведе меѓународно признатиот прирачник „Компас“ (Едукација за човекови права за младинци) и континуирано обучува тренери. Independent има што да понуди и вон границите на Босна и Херцеговина. Секој што не го знае „Компас“, е срдечно поканет да го погледне ова необично наставно дело на интернет. Вреди!

Во текот на моите пребарувања се судрив со „Иницијатива 21“ од Тузла и случајно открив еден мал портал за човекови права, кој исто така може да биде корисен и за Вас. Во третиот дел на ова издание ќе Ви опишам што можете да најдете во него.

Ви посакувам сθ најдобро во Новата година и срдечно Ве поздравувам,

Ингрид Халбритер


СОДРЖИНА

Претставуваме: НВО Independent

Independent е име на една организација во Зеница, Централна Босна, која оваа година го славеше својот десетти роденден. Нејзина специјалност е работењето со „Компас“ – проминентниот прирачник за образование за човекови права на Европскиот совет.

На пример … Предизвици за демократијата-образование во 21-от век

Демократскиот граѓанин треба да учествува во политичкиот живот – но, дали тој воопшто има толку големо влијание, колку што верува дека има? Во време кога демократското образование во европската дебата е во голем пораст, д-р Шуман од Универзитетот Тибинген н
θ соочува со еден несигурен факт: националната држава сθ повеќе губи на политичко влијание, а со тоа и граѓанинот на вистински шанси за партиципација.

На веб: Човекови права на интернет: www.ljudskaprava.com

НВО „Иницијатива 21“ од Тузла во рамките на еден младински проект создаде мал портал за образованието за човекови права, на кој може да се најдат онлајн-верзијата на „Компас“ и една обемна листа на линкови.

Редакција

_________________________________________________


Претставуваме:

Организацијата Independent во Зеница/Босна и Херцеговина

Ингрид Халбритер

Кога ќе влезеш во канцеларијата на Independent на Машинскиот факултет од Зеница, веднаш ќе си помислиш: овде изгледа како да се работи! Ѕидовите се излепени со разгледници, фотографии од семинари, постери и уверенија. Премногу уредните канцеларии се сомнителни, а и премногу хаотичните исто така, но тука владее една здрава мешавина.

Independent е, како и многу невладини организации, плод на ангажманот на поединци. Уште на почетокот на воениот хаос во Босна и Херцеговина, неколку правници, во градот Зеница во Централна Босна, започнаа, со бесплатна правна помош, да поддржуваат сограѓани, кои заради својата религија и национална припадност се бореа за своите станови, куќи, работни места и социјални права.

Во март 1995 тие ја регистрираа Independent, а две години подоцна ја добија првата донација за проект од претставништвото на Европската комисија и Сорос. Истата година тие изнајмија мала канцеларија на Универзитетот во Зеница и започнаа постепено да ги прошируваат своите задачи околу темата „Човекови права“. Така, од 1998 Independent спаѓа во стандардната група на НВО-и, на таканаречената „Мрежа-око“, која во БиХ врши набљудување на изборите и составување извештаи за изборите.

Истата година Independent започна да организира различни разговори на тркалезна маса низ цела Босна и Херцеговина, на кои дискутираа локални политичари, претставници на локални НВО-и, медиуми, полиција и правда како и претставници на меѓународната заедница за теми како враќање на бегалците и враќање на сопственоста на протераните.

Посетата на еден курс за човекови права ја даде идејата за мобилизирање младинци. Independent состави една група од околу 20 младинци, која се нарекваше Independent Junior, и кои соработуваа како доброволци или практиканти и спроведуваа сопствени мали проекти. Тие, на пример, основаа едно младинско списание, организираа разговори со други младинци и се ангажираа за заштита на животната средина. Денес се активни уште шест луѓе од овој круг, кои понекогаш работат хонорарно како набљудувачи на избори и тренери.

Од овој проект се создаде една перманентна структура, еден таканаречен „теледом“ во малото место Немила кај Зеница, значи една институција, која поддржува граѓани и НВО-и со канцелариски апарати, пристап до интернет и образовни понуди (види http://www.teledom.org/nemila/).

Во центарот на работата на Independent, пак, се наоѓаат како и претходно човековите права во потесна смисла. Ова во моментов практично се спроведува преку два проекта. Од една страна Independent, во долгогодишен, регионален проект е еден од шесте партнери, кои се ангажираат за подобрување на правата на малцинствата во Југоисточна Европа. Овој проект се спроведува под покровителство на организацијата Minority Rights Group International (www.minorityrights.org) и е финансиран од британската влада. Поединечните активности се протегаат од составување извештаи за правната состојба на малцинствата до преводи на прирачници и манифестации за семинари, каде се покажува, на кој начин може да се ангажираме за правата на малцинствата.

Вториот голем проект е натамошното образование на тренери за образованието на човекови права, и тоа со помош на прирачникот „Компас“. Овој прирачник со обем од повеќе од 400 страни е објавен од Европскиот совет во 2002 година и важи за едно од најопширните дела за практичари што работат со младинци или млади возрасни.

Срцевината на оваа книга со петте поглавја се 49 детални упатства за наставни единици на различни теми, кои имаат едно заедничко: тие се релевантни за образованието за човекови права. Покрај упатствата за пракса, тренерот може да најде упатства за изворите на информации, практични совети, обрасци на работните листови и други потребни работни материјали. Во другите поглавја стојат информации за позадината за човековите права, за одбраните теми како и сите меѓународни инструменти за човекови права.

„Компас“ е веќе преведен на многу јазици и на интернет стои на располагање на англиски, француски, руски и арапски како онлајн верзии и верзии за симнување (види www.coe.int/compass). Таму можете да најдете листа со податоци за контакт на оние организации, кои го преведоа и го дистрибуираат прирачникот (http://eycb.coe.int/compass/other.html). Покрај јазичната верзија за Босна и Херцеговина во моментов во Југоисточна Европа го има на хрватски, унгарски и словенечки. Според информацијата од Independent во подготовка е српска верзија.

Independent го изготви преводот за Босна и Херцеговина во пролетта 2005 и отпечати 750 примероци. Еден примерок чини во противвредност 20 евра и може да се порача директно од Independent (види подолу податоци за контакт). На веб-страната на располагање стои онлајн верзија http://www.ljudskaprava.com/kompas/index.htm. Не постои верзија за симнување, но по потреба може да се испечати онлајн верзијата. Летото 2005 „Компас“ беше прифатена од страна на Министерството за образование на Федерацијата БиХ во листата на авторизирани учебници за основните и средните училишта како и за гимназиите и со тоа може официјално да се употребува во училиштата.

Една година претходно хрватската организација „Европски дом“ од Славонски Брод го преведе „Компас“ на хрватски и ги нуди засебните глави за симнување во pdf-формат на веб страната http://www.europski-dom-sb.hr/clanak1000-0-0006.htm.

Independent, со своите четири искусни тренери, секоја година организира две до три повеќедневни усовршувања за тренери, кои сакаат да работат со „Компас“ во училиште и во вонучилишното образование за млади. Тренингот е методски обликуван според принципот „learning by doing“, тоа значи учесниците влегуваат во „студена вода“: во текот на курсот тие самостојно подготвуваат содржини за учење и ги реализираат истите со групата учесници. Во рефлексијата што следи, тие добиваат конструктивен фидбек од страна на тренерите и учесниците.

За крај уште еднаш во вид на преглед: што може Independent од Зеница да им понуди на други организации во Југоисточна Европа:

Во областа на образованието за човекови права:

·         Информации за соработката со Европскиот совет при преведувањето на „Компас“ и обуката на тренери. Секој што сака да го преведе „Компас“ или сака да обучува тренери, треба да воспостави контакт со Европскиот младински центар во Будимпешта. Линк: http://eycb.coe.int

·         Продажба на прирачникот за „Компас“ во противвредност од 20 евра

·         Усовршување на тренери за употреба на „Компас“

·         Советување на тренери што се активни или сакаат да станат активни во образованието за човекови права

Во областа на права на малцинствата:

·         Усовршувања за припадници на малцинства за правата на малцинствата

·         Публикации

Во областа на квалификација на невладини организации:

·         Усовршувања и публикации

Податоци за контакт:

Independent - Зеница
Факултетска 1
72000 Зеница, БиХ
Телефон: +387 (0)32 440 390
Факс: +387 (0)32 440 391
Е-пошта (1):
indep@gmx.net
Е-пошта (2):
indepze@yahoo.com
Веб страна:
http://indep.cjb.net
Онлајн верзија на „Компас“: http://www.ljuskaprava.com


Лице за контакт: Гордана Цицак, Раководителка на проектот (зборува англиски)

[кон содржината]
_________________________________________________


на пример ...

Предизвици за едукацијата за демократија во 21. век

Проф. д-р Волфганг Шуман

Проектот „Education for Democratic Citizenship“(EDC) што беше започнат во 1997 од страна на Европскиот совет несомнено им даде извонредно важни ипулси на политичкото образование и едукацијата за демократија во последниве години. Целта на овој прилог е да прикаже дека моделот што се наоѓа во основата на овој концепт, имено граѓанинот на една демократска национална држава, повеќе не се совпаѓа со реалноста, бидејќи со постоењето на ЕУ и со глобализацијата околностите фундаментално се изменија. Овие два феномена претставуваат централни предизвици за политичкото образование на 21 век, на кои мораме да реагираме доколку сакаме нашата работа да биде успешна. Како изгледа постапката во детали?

1.      Како прв чекор би сакал да побудам поголемо разбирање за контекстот, во кој работи EDC. Тоа ќе го сторам со помош на еден едноставен модел што го применуваат политичките науки за да може да ги отслика поврзаностите во (демократски) политички системи.

2.      Понатаму би сакал да покажам, кои основни претпоставки служат како основа во моделот кај EDC-иницијативата на Европскиот совет.

3.      Понатаму би сакал да демонстрирам дека токму тие основни претпоставки се делумно погрешни и дека во поглед на нив се појавија голем број промени.

4.      За крај ќе поставам неколку размислувања за тоа, што значат тие промени за нашата работа во политичкото образование и едукацијата за демократија.

1. Граѓанинот во демократскиот политички систем — еден модел

Значи, да започнеме со мојот мал модел, кој преку скица прикажува што всушност претставува еден политички систем (слика 1). Се работи за тоа што овој политички систем со своите различни институции донесува закони, кои го регулираат соживотот во едно општество како обврзувачки (црвените делови на сликата во црвениот правоаголник). Зошто е тоа потребно? Па, сосем едноставно, бидејќи без такви регулирања воопшто не би бил можен мирен соживот. Како што покажуваат црвените делови, сепак и еден авторитарен политички систем може да изгледа и да функционира вака.

Она што го прави системот да биде демократски политички систем, покажуваат сините делови од правоаголникот, чии краеви се со црвена боја. Имено, фактот дека граѓаните на најразличен начин соодлучуваат за обврзувачките одлуки, кои го определуваат нивниот живот и кои тие треба да ги следат.

·         На пример на тој начин што тие избирааат влади/парламенти и, ако не се задоволни со нивната работа, да можат повторно да ги симнат.

·         На тој начин што, по правило посредувано преку политичките партии, асоцијациите и медиумите, му ги поставуваат своите барања на политичкиот систем и можат да реагираат на незадоволителни закони.

Но, со ова сликата сι уште не е целосна, бидејќи во целиот систем што е ограничен кон надвор со црвено заокружениот правоаголник нема само граѓани, политички партии, асоцијации и медиуми, туку и други т.н. подсистеми. Заради поедноставен приказ на сликата се ограничив на еден, но мошне важен подсистем, имено на економијата.

Понатаму мора, се разбира, да се земе предвид дека овој систем не е единствениот систем, туку дека постојат уште околу 200 други системи, со што веќе би биле во „меѓународно опкружување“. Границата на системите кон надвор се појавува на тој начин што законите што постојат во рамките на различните системи секако поседуваат валидност само за соодветниот систем.

Слика 1

Од каква корист ни е сево ова? Ни помага систематски да препознаеме една основа на едукацијата за демократија, имено демократски политички системи, нивниот начин на функционирање и нивното опкружување. Тоа многу ќе ни помогне кога е потребно да се покажат промени. Но, исто така и ни помага да можеме да ја набљудуваме и анализираме централната целна група на EDC, имено граѓанинот, и тоа не изолирано, туку во контекст, како еден дел од демократскиот политички систем.

2. EDC-моделот

Како модел на EDC-иницијативата на Европскиот совет служи критичкиот, политизиран граѓанин што „се меша“. Покрај тоа, демократија повеќе не се разбира како еден принцип на поредок што се ограничува само на политичкиот поредок; претставите одат многу повеќе во насока на демократизирање на сите животни области: училиштето, семејството, општината, но и економијата.

Понатаму, интензивно се размислува за тоа, а делумно и остро се бара, натамошно зголемување на можностите за влијаење на граѓаните преку директни демократски елементи, како на пример референдуми. Политичкото образование го откри критичкиот и содејствувачкиот државјанин, кому му е важна демократијата во сите области. Сепак, имплицитниот модел за основата на EDC остана непроменет. Тоа го појаснува следната слика, во чии рамки можат да се најдат неколку важни искази за EDC од веб страната на Европскиот совет.

Слика 2

Таму, меѓу другото, се вели дека:

  • кај EDC станува збор за тоа да се придвижат младите и возрасните подеднакво за активно учество во демократскиот живот во своите општества, со тоа што ќе ги применуваат своите права и своите демократски обврски;
  • се работи за тоа да се создадат живи демократски култури и на страната на граѓаните да се создаде чувство на припаѓање во нивните демократски општества и системи итн.

Со други зборови: основата за сите размислувања во областа на едукацијата за демократија останува граѓанинот на една демократска национална држава, а со тоа и само актерите и процесите што се наоѓаат во слика 2 во црвениот правоаголник.

3. Недостатоци на EDC-моделот

Во третиот дел на прилогот би сакал да покажам дека овој модел е недоволен, бидејќи „затемнува“ важни промени и на тој начин го изопачува погледот кон одлучувачки причинско-последични поврзаности. Во што се состојат овие промени?

Празнина на националната држава со формирањето и натамошниот развој на ЕЗ/ЕУ

Првата промена е поврзана со основањето и континуираниот натамошен развој на ЕЗ/ЕУ. Тоа не значи само дека, пред сθ шесте национални држави се одлучуваат за особено тесна соработка. Тоа не би било ништо ново; меѓународните сојузи постоеле, всушност, отсекогаш. Но, овде не се работи само за традиционална меѓународна соработка, што се покажува со тоа дека овие шест држави воспоставија нови заеднички инстиутиции и ним им пренесоа независни овластувања. Освен тоа, тие влегоа во обврска, при спорови во врска со овие овластувања да се држат до одлуките, на за таа цел воспоставениот, Европски трибунал. Поради тоа овде се зборува за супранационална соработка.

Каква врска има тоа со досега кажаното, каква врска има тоа со EDC, каква врска има тоа со граѓаните? Тоа треба да ни го покаже следната слика.

Слика 3

Воспоставувањето на супранационални структури како прво значи дека облигаторните закони за граѓаните не се прават исклучително од сопствениот политички систем, туку исто така — најпрво само во малку ограничени области — од ЕЗ. На тој начин истовремено стануваат помали областите, кои автономно можат да го регулираат сопствениот политички систем. Граѓанинот може да го избира и понатаму ќе го избира националниот парламент и со тоа ќе соодлучува во изборот на владата, но владата повеќе не може да дојде (сама) до сите одлуки кои се значајни за него. А тоа, јасно кажано, значи дека тој губи на можности за влијание и соделување, бидејќи тој на ниво на ЕЗ (сθ уште) не располага со подеднакви можности за партиципација, кои можат да се споредат со националните — и тоа во повеќето случаи без да биде навистина свесен за тоа.

Доколку би скокнале сега во 2005 година и ја погледнеме слика 4, можеме да препознаеме, колку драматично се променила состојбата. Како изгледаат овие промени конкретно? Како прво, од претходно малата дупка во надворешните граници на политичкиот систем се создава огромна порта. Нагоре практично веќе не постои граница.

Тоа е така, бидејќи ЕУ помалку или повеќе соодлучува во речиси сите политички области. Две третини од законодавството во државите-членки на ЕУ се соодлучува преку ЕУ. Симболично, зад ова огромно влијание стои монетарната унија; во оваа централна политичка област националните држави-учеснички не можат да водат автономна политика!

Освен тоа, во меѓувреме, обемот за оваа констелација, која е единствена во политичката историја, е зголемен на 25 држави. За кратко време ќе станат 27, а среднорочно и уште повеќе.

А што значи тоа за граѓанинот на ЕУ? На пример, би можело тој да го зајакне својот политички ангажман и сега не само што избира, туку и се приклучува на некоја партија. Сепак, врз основа на опишаната состојба, како резултат драстично е намалено неговото влијание врз политичарите и политиката, кои го определуваат неговиот живот!

Слика 4

Сега би можело да се аргументира дека ова е специфика на ЕУ и нејзините држави-членки и оттука не би требало да има влијание на нашите заложби во рамките на EDC. Дека токму ова е проблематично со оглед на фактот дека во ЕУ се работи за 25 демократски политички системи, би требало да биде очигледно. Но, кон тоа се придодава и еден друг аспект.

Имено, фактот дека ЕУ влијае не само врз своите држави членки, туку — на еден поинаков вид и начин — и врз сите оние земји, кои сакаат да станат членки, слично масивно, па и уште поодлучно и во нивната политика. Барањата засновани на критериумите од Копенхаген, донесени во 1993 година од ЕУ за земјите за пристапување, се исто толку обемни колку и детални и кога ќе се соберат се изедначуваат со барањето за гравирачка промена на системот, и тоа на тој начин што граѓанинот практично малку може да влијае врз текот на расправата помеѓу својата влада и ЕУ како и врз резултатот од расправата; можностите за соделување во секој случај се ограничуваат на едно "да" или "не" во референдум за пристапување, кои што ги поставува владата.

Последици за граѓанките и граѓаните

Значи првичниот заклучок гласи дека постоењето на ЕУ, колку и да е од многу причини разумно, корисно и од помош, па дури и неизбежно, тоа значително ги ограничува можностите за влијаење на граѓаните врз политиката на државите-членки и на потенцијалните кандидати за пристапување. Тоа значи дека основниот механизам на демократските системи дека народите учествуваат во изработката на, за нејзе, облигаторните правила преку избори и други инструменти, важи само во сосема ограничен обем.

И сега замислете си некој граѓанин, кој учествувал на една од нашите манифестации за демократска едукација и кого сме го научиле дека треба да соодлучува, кому сме му ги покажале разновидните можности за соделување во една национална држава. Што ќе каже тој, доколку:

  • како граѓанин на ЕУ констатира дека владата што тој ја бира, всушност може да одлучува сама за само еден мал дел од областите што се значајни за него и за неговиот секојдневен живот, или
  • доколку тој како граѓанин на некоја земја што треба да пристапи кон ЕУ доживее дека политичкиот систем и општеството можат револуционерно да се изменат, независно дали тој го сака тоа или не?

Постои опасност, тој да се разочара, бидејќи ние не го подготвивме за оваа реалност, туку на нашите манифестации за EDC му нацртавме слика, која веќе одамна е минато. А некои можеби ќе бидат толку разочарани што резигнирано ќе се оддалечат од политиката.

Празнина на националната држава преку глобализацијата

И овие промени во контекст на европската интеграција веќе долго време не опфаќаат сι. Кон нив се придодаваат уште две, кои уште повеќе ја отежнуваат ситуацијата. Како прво, тоа е феноменот на глобализација.

Слика 5

За нашиот контекст значајни се, пред сι, две последици од глобализацијата (слика 5). Првата се состои во тоа што со глобализацијата на економијата, националниот политички систем масивно го губи влијанието врз економијата, бидејќи националните закони не важат во вондржавната, глобална рамка, во која се движат големите економски концерни.

Второ, глобалната економија без политичка контрола донесува сθ повеќе централни одлуки за граѓаните, кои во нивното радикално влијание врз животот на поединецот се еквивалентни со облигаторни одлуки во политиката.

Последици за граѓанките и граѓаните

Што прави граѓанинот кога ќе констатира дека развојот на глобалната економија драматично влијае врз неговиот живот и од него избраната влада беспомошно стои покрај тоа — каде е тука неговата партиципација? Каде се демократските правила, кои ги запознал во рамките на политичкото образование?

Граѓанинот, по правило, е мошне малку свесен за ваквата состојба. Ова е во врска со една друга, многу широка промена, која по мое мислење, (сθ уште) не е доволно примена до знаење во едукацијата за демократија во своето дејствување, т.н. медијализација.

Медијализацијата ја прекрива комплексната реалност

За што станува збор? Како и кај глобализацијата, и овде станува збор за еден многуслоен феномен. Јас повторно ќе се концентрирам на два централни аспекти. Медијализацијата значи дека медиумите далеку повеќе од претходно се врежани во нашиот живот. Ние повеќе не ја знаеме вистинската (политичка) реалност, туку само онаа што ни е пренесена преку медиумите. Тоа е дотолку пофатално, а тоа е вториот аспект, што медиумите им се потчинуваат на целосно сопствени закони во своето политичко известување. Бидејќи на вестите им се потребни слики, кои треба да бидат што е можно поинтересни и оттука не смеат да бидат премногу долги и комплексни, бидејќи тие всушност мораат да бидат "продадени", тие одат токму во спротивниот правец од реалната политика. Додека реалната политика станува сθ посложена и во своите процеси сθ помакотрпна, известувањето се труди да поедностави, разговара, персонализира итн.

Последици за граѓаните и граѓанките

Тенденцијата води кон една ситуација, како што ни е покажано на слика 6, всушност на граѓаните им се сугерира дека националната политика и поединечно експонираните лица, како Сојузниот канцелар во Германија, биле одлучувачки, би можеле да ја коваат политиката, да ги решаваат нејзините горливи проблеми, и притоа за националната политика било одлучувачки да се партиципира.

Со други зборови: претходно наведениот проблем дека на граѓанинот воопшто не му се јасни последиците од развојот, како што е членството во ЕУ и глобализацијата, уште повеќе се заострува.

Слика 6

4. Импликации за едукацијата за демократија и политичкото образование

Толку од оваа сондажа на промените, а со тоа и на предизвиците, пред кои стои EDC на почетокот на 21 век. Со тоа доаѓам до четвртиот и последен дел на мојот прилог, до прашањето, кои последици произлегуваат од тоа.

Слика 7

Од граѓанин на една држава до граѓанин на повеќе нивоа

Како прво, неопходно е да се увиди дека премисите не се повеќе во ред. Од нашиот граѓанин, разбран како припадник на една национална држава, кој исто така ги одредува централните политички рамковни услови за својот живот, стана граѓанин на повеќе нивоа (слика 7). Граѓанин на повеќе нивоа значи дека правилата облигаторни за неговиот живот сега доаѓаат од глобалното ниво, од глобалната економија, од Европската унија и од неговата национална држава, но исто така и од неговата регионална единица и неговата општина, при што уделот на двете работи споменати најпрво постојано се зголемува.

Во смисла на активниот граѓанин, што е пропагиран во рамките на проектот EDC, важно е да се увиди дека можностите за еден таков ангажман многу се разликуваат од ниво до ниво. Додека на локално ниво тие се сθ уште многу изразени, а овде се работи за прашања како лоцирање на депонија за ѓубре или слично, одејќи нагоре тие сθ повеќе се намалуваат, а на глобално ниво покажуваат тенденција кон нула.

Ново обмислување на демократијата

Централна задача во рамките на едукацијата за демократија во следните години, по мое убедување, мора да биде тоа, дополнително кон постоечките заложби, оваа слика на граѓанинот на повеќе нивоа да остане во главите на луѓето, наспроти поедноставувањето во медиумите, да им се дозволи да разберат што одредува нивниот живот и зошто е тоа така. Бидејќи оној што ќе разбере, ќе го загуби чувството на немоќ, чувството да биде беспомошно изложен на непознати сили.

И тој или таа, тогаш ќе имаат можност да учествуваат во дискусијата за тоа како би можела да изгледа демократијата под овие нови, целосно изменети рамковни услови. Бидејќи, нема да можеме да преминеме преку тоа да не ја обмислиме демократијата одново!

Како да се пренесе граѓанството на повеќе нивоа?

Уште понеопходно е на луѓето да им се пренесе сликата на оваа нова реалност на повеќе нивоа. Сега, со оглед на комплексноста на оваа реалност, се разбира, е исклучително тешко. Како може да се направи тоа? За дискусијата на ова прашање ќе биде потребен посебен прилог. Поради тоа морам да се ограничам на упатувањето кон моите сопствени искуства.

Она што досега се одржа во пракса е концентрацијата на една област, за политиката на животна средина, и на еден конкретен случај, кој во идеален случај директно се однесува на учениците. Дискутирајте за овој случај и за со него поврзаните одлучувачки процеси и оставете ги учениците на индуктивен начин самите да дознаат, дека — за да се остане до примерот на политиката на животна средина — во случајот на Германија централна улога игра ЕЗ со нејзините законски правила, но во спроведувањето и реализацијата, другите нивоа, кои учествуваат во националната држава, Сојузните покраини и општините. Сознанието, кое се поврзува со тоа, е навистина вредно да се спомене и остава трајно влијание.

Со тоа стигнав до крајот на моите изложувања, во кои стана збор за тоа да се скицираат предизвиците за едукацијата за демократија на почетокот на 21 век. Овие предизвици се огромни со оглед на фактот дека се наоѓаме во период на пресврт, на новоопределување на демократијата. Сепак, неизбежно и неодложно е да Ви се постави една многу интересна задача.

[кон содржината]

_________________________________________________


на веб


Мал портал за човековите права: www.ljudskaprava.com

Ингрид Халбритер
М.А.

Организацијата „Иницијатива 21“ од Тузла во Босна и Херцеговина работи особено во вонучилишното образование на младинци и во 2003 и 2004 има организирано редица семинари за младинците на тема „Човекови права“. Учесниците не се задоволија само со новото знаење, туку тие сакаа и понатаму да го пренесуваат: направија еден видео филм, одеа во средни училишта и водеа работилници за нивните врсници и ја направија веб страната за која се дискутира овде, со цел на другите младинци да им го олеснат тешкиот пристап до темата „Човекови права“. Севкупнот проект беше финансиран од Европската комисија
.

Веб страната, во принцип е мал портал на еден јазик, кој се разбира во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора, Косово и Македонија, а со тоа претставува со сигурност реткост во регионот на Југоисточна Европа. Таа има два главни елемента: онлајн верзијата на прирачникот „Компас“ на локалниот јазик (види дискусија на организацијата Independent) и една многу обемна листа на линкови. Ознаките на линковите најчесто се на локален јазик, англискиот мора сепак да се владее, бидејќи повеќето веб страни или документи, до кои водат линковите, се на англиски.

Листата на линкови е подредена по институции и теми (на пример „Лица со посебни потреби“, „Бегалци и азиланти“, „Малцинства“, „Образование“ итн.). Нејзиниот обем е импресивен: овде навистина може да се најде сθ на едно место. Значи, оној што разбира англиски, „српскохрватски“ и оној што е во потрага по меѓународни документи за човекови права, овде со сигурност ќе најде.

[кон содржината]
_________________________________________________


импресум

Овој информатор се издава од Д@далос Сараево и е финансиран од Министерството за надворешни работи од Берлин, Сојузното министерство за економска соработка (БМЗ) и Советот на Европа.

Одговорна за редакција: Ингрид Халбритер

Адреса: Д@далос Сараево
Aleja Lipa 57
71000 Сараево
Teлефон: +387 33 715 600 (канцеларија Храсно)
Teлефон/факс: +387 33 446 680 (канцеларија Вратник)
Факс: +387 33 715 601
Мобилен Ингрид Халбритер: +387 61 276 381
E-mail: Ingrid.Halbritter@dadalos.org

Прилози или предлози за теми како и повратни информации Ве молиме испратете ги директно на Ingrid.Halbritter@dadalos.org

Мејлинг листа: ако сакате да го добивате овој информатор автоматски, Ве молиме обратете се на Ingrid.Halbritter@dadalos.org

Ако сте го добивале овој информатор автоматски, а НЕ го сакате тоа во иднина, Ве молиме обратете се на истата адреса.

[кон содржината]

[нагоре]