Југоисточна Европа EDC информатор

___________________________________

Издание бр. 3 од 15 мај 2005

Предговор на издавачката

Драги колешки и колеги,

на наша голема радост Советот на Европа во Стразбур пред кратко време се изјасни дека е подготвен да го финансира преводот на овој информатор на пет јазици од Југоисточна Европа! На тој начин сме достапни за голем број заинтересирани, наставници и тренери во регионот. За тоа, срдечна благодарност до Стразбур!

Како што најавивме во последното издание, денес се занимаваме со една од централните задачи Советот на Европа: со заштитата и спроведувањето на човековите права, како што се запишани во Европската конвенција за човекови права.

Во овој информатор ќе видите дека: нашите права на живот, на слобода итн. не стојат само на хартија, туку тоа се права, за кои можеме да обвиниме, ако се повредени од некоја служба или суд во нашите држави.

 

 

Советот на Европа како институција и Конвенцијата за човекови права не се само важни како предмети на воспитувањето за демократија, туку важно е и да се рашири знаењето за нивното практично дејствување и пристапот до релевантните информации. Тука, на пример, се вбројува и прашањето: кои практични чекори може и мора да се преземат за да се поднесе тужба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Тоа, на прв поглед се чини можеби застрашувачки за обичниот граѓанин и изгледа премногу комплицирано, но бидете сигурни: секоја година илјадници луѓе чекорат по овој пат - и доживуваат правда, доколку нивната држава, на пример, е осудена со одлука на судот, со обештетување!

Недовербата во правосудството и судската пракса е широко рапространета во Југоисточна Европа и оди многу длабоко, тоа ми е јасно. И тоа е навистина разбирливо со оглед на многуте лоши искуства со партиски судии и корупција. Сепак, би сакала Вам, како тренери, да Ве охрабрам да се занимавате со темата „човекови права“ и со оваа досега единствена можност за да се обратите до некој меѓународен суд!

Овој информатор треба притоа да Ве поддржи, да го откриете суштинското и да можете на интернет да ги најдете најважните информации, кои Ви стојат на располагање на Вашиот јазик.

Многу ќе ме радува, ако ми дадете повратна информација за тоа, како се прифаќа оваа тема при нејзината примена во Вашето училиште, универзитет или организација.

За денес Ве поздравувам со најдобри желби и срдечни поздрави,


Ваша Ингрид Халбритер
 


Содржина

Претставуваме: Советот на Европа (II): работна област „Човекови права“
Советот на Европа е најстарата и најголемата меѓународна организација во Европа. Во ова поглавје попрецизно се претставува работната област „Човекови права“.

На пример Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за човекови права
Во Бугарија еден Ром умира во затвор. Неговото право на живот е прекршено: случај за Судот за човекови права на Советот на Европа! Какви права имаат 800 милиони европјани? Како и каде може да се обвинува? Во ова поглавје ќе го дознаете најнеопходното за, досега единствениот во светот, меѓународен правен инструмент, кој ни стои отворен на сите!

На веб: Човекови права на интернет: избор
Каде ќе најдете нешто на Веб страната на Советот на Европа на Вашиот јазик? Мал водич со многу директни линкови до најважните ресурси на тема човекови права, Европска конвенција за човекови права и Суд за човекови права.

Редакција

_________________________________________________

Претставуваме:

Советот на Европа (II): Човекови права

Секој човек има права што не се поврзани со ниеден друг услов освен своето постоење како човек. Значи, сеедно е кој пол, каква боја на кожа или кое религиозно верување го има тој човек.

Овие права се човековите права, како што се усвоени во Универзалната декларација за човекови права од 1948 од Генералното собрание на Обединетите нации. На овие човекови права се повика Советот на Европа кога ја усвои Европската конвенција за човекови права. Како што ќе можете да видите во следниот дел од Статутот, темата „Човекови права“ е централен составен дел на задачата на Советот на Европа.

Во Статутот на Советот на Европа од 1949 се вели:

Советот на Европа има задача да оствари тесно поврзување меѓу своите членови, за да ги штити и поддржува идеалите и начелата, кои се нивно заедничко наследство и за да го потпомага нивниот економски и социјален напредок.

Кон оваа цел, тој се стреми со помош на органите на Советот преку контроли на прашања од заеднички интерес, преку склучување на договори и преку заедничко дејствување во областите од економијата, социјалниот живот, културата, науката, правосудството и администрацијата како и преку заштитата и натамошниот развој на човековите права и темелните слободи.

Покрај овие универзални човекови права и темелни слободи – а тоа се, на пример, правото на живот и правото на слобода и сигурност постојат и специфични права за групи на луѓе со особена потреба од заштита (на пример: малцинства, жени, деца и затвореници) и особено релевантни области од животот (на пример: образование, здравство).

Во рамките на најголемата од своите четири работни области човековите права - Советот на Европа се грижи за општите и универзални човекови права. За таа цел главни инструменти се Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за човекови права. Како второ, тој се грижи за групите на лица и области од животот со особена потреба од заштита. Како следно би сакала да споменам неколку примери за тоа како се ангажира Советот на Европа да ги чува и потпомага човековите права во рамките на своите задачи:

·         Европската социјална повелба (1961) гарантира сосема специфични човекови права, имено социјални и економски човекови права. Се работи, на пример, за правото на живеалиште, пристап до медицинска нега и правото на посетување училиште, забрана на работа на деца, правото на создавање семејство и многу други. Речиси сите држави-членки ја потпишале и ратификувале оваа повелба. Советот на Европа го контролира придржувањето кон повелбата преку извештаи, кои мораат да ги составуваат и доставуваат државите-членки. Преку одобрени невладини организации можат да се поднесуваат и жалби, кои ги контролира одборот за социјални права и потоа реагира соодветно.

·         Комитетот за превенција од мачење посетува затвори во државите-членки и објавува извештаи за тоа како се третирани затворениците.

·         Секретаријатот се занимава со надзор на Конвенцијата за заштита на малцинствата. Кон оваа конвенција до сега пристапиле 35 држави. Таа, на пример, ја содржи забраната за дискриминација, правото на училишна настава на сопствениот јазик, пристап до медиумите и друго. Државите-членки мораат да составуваат извештаи, кои потоа Советот на Европа ги коментира и при посети на земјите со владата дискутира за тоа како можат да се спроведат подобрувања во заштитата на мацинствата.

·         Секретаријатот на тема Еднаквост на жените и мажите се грижи за рамноправен пристап на жените до политички одлуки, проблемот на насилство врз жените и трговијата со луѓе. Секретаријатот  објавува публикации, поддржува реализација на препораките на Комитетот на министри и организира семинари и конференции.

·         Европската комисија против расизам и нетолеранција е составена од по еден експерт на државите-членки на Советот на Европа и има мал секретаријат. Секоја земја одделно се проверува за тоа кои проблеми постојат и се доставуваат препораки за поддршка и решенија. Покрај тоа, за одредени теми како расизам и нетолеранција кон Ромите се изрекуваат политички препораки до владите и се шират добри примери од праксата.

·         Трговијата со луѓе е груба повреда на човековите права. На оваа област специјално работи мал секретаријат. Има три политички препораки на комитетот на министри и на парламентарното собрание, кои го расветлуваат феноменот од различни перспективи (правна, можности за превенција, контакт со жртви итн.). За различните целни групи (на пр. НВО, полиција) се организираат усовршувања и конференции и се реализираат информативни кампањи за да се изостри јавната свест за овој глобален проблем.

·         Програмата полиција и човекови права има за цел, да обучува полициски службеници во државите-членки, за да можат истите во својата професија да се придржуваат кон стандардите на човековите права.

[кон содржината]
_________________________________________________


На пример ...

Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд на човекови права

Случајот на бугарски крадец на говеда

Во септември 1994, еден 49-годишен Ром од општина Плевен во Бугарија украл девет говеда и веднаш бил затворен. Дванаесет часа подоцна починал во полициската станица од тешки внатрешни крварења. Неговата сопруга, која од него има три деца и живеела со него дванаесет години, со години се обидувала да дојде до разјаснување на случајот, бидејќи била убедена дека тој починал како последица на злоставувањето и ударите што му ги нанеле полицајците.

Бидејќи нејзините напори кај бугарските авторитети не довеле до резултат, на крај таа се обратила до Европскиот трибунал за човекови права и обвинила за повреда на чл. 2 (право на живот), чл. 6 (право на фер постапување во рамките на одреден временски период), чл. 13 (право на дејствувачка жалба) и чл. 14 (забрана за дискриминација).

Европскиот трибунал за човекови права í дал право по сите тужени точки и ја осудил државата Бугарија да плати обештетување и надомест за претрпена болка во висина од 100.000 француски франци, 8.000 бугарски лева како и за преземање на создадените трошоци.

Нашите права во Европската конвенција за човекови права

Преку овој впечатлив пример можеме да видиме повеќе работи: темелните права што најпрво звучат мошне апстрактно, стануваат мошне практични кога ќе ги примениме на сосем конкретни состојби. Членот 2 гласи: право на живот. Во случајот со крадењето на говедата полициските службеници, значи претставниците на државата Бугарија, го претепаа овој човек и му нанесоа смрт. Освен тоа, тие не водеа грижа за тоа, човекот да добие лекарска помош за своите повреди, што според околностите ќе можеше да му го спаси животот. Покрај тоа, постои причина зошто крадецот на говедата бил третиран толку лошо: бидејќи припаѓал на групата на Ромите. Со тоа е повреден и член 14, кој забранува да се дискриминираат луѓето врз основа на својата боја на кожата, расата, религијата итн.

Како второ, во овој пример, впрочем се работи за случај што навистина се одвивал, можеме да видиме дека пристап до овој суд имаат не само образованите и добро стоечки луѓе, туку секој што знае за него и што не се срами да се ангажира! Така, станува јасно колку е важно да се познаваат и знаат овие меѓународни правни инструменти за тоа, како можеме да се жалиме кај Европскиот суд за човекови права.

Како трето сфаќаме дека судот навистина ги третира сите случаи со подеднаква сериозност, независно дали се работи за недолжна жртва или, како во овој случај, за пијан надничар и крадец (види во протоколот). Човековите права се неделливи и му припаѓаат секому!

Како точно изгледа Европската конвенција за човекови права?

Член 1 од Конвенцијата за човекови права гласи: обврска за почитување на човековите права. Високите договорни страни, значи државите-членки на Советот на Европа, кои ја потпишаа и ратификуваа оваа Конвенција, им ги гарантираат на сите граѓани од својата држава следниве права и слободи.

Некои примери од вкупно 18-те члена се:
Член 2: Право на живот
Член
3: Забрана за мачење
Член
5: Право на слобода и безбедност
Член
6: Право на фер-постапка
Член
7: Нема казна без закон
Член
9: Слобода на мислата, совеста и религијата
Член
14: Забрана за дискриминација

Овие, вкупно 18 члена, се наоѓаат во првиот дел од Конвенцијата. Под секој член прецизно е опишано што значи тој и во кои случаи не важи. Да го земеме за пример членот 2. Државта се обврзува да го штити животот на секој човек. Никој не смее да биде убиен, освен доколку човекот е осуден на смрт со закон или доколку почине при уредно апсење или при задушување на буна.

Смртната казна беше укинат во дополнителен протокол бр. 13, и тоа целосно, без исклучок и без какво било ограничување. Овој протокол влезе во сиила на 1. јули 2003 год. Само три држави сеуште не го потпишале: Арменија, Азербејџан и Русија. За член 2 од Конвенцијата за човекови права ова значи: дури кога некоја земја по закон мора да се придржува кон Конвенцијата за човекови права, осудените лица сепак можат да бидат погубени, ако таа држава сеуште не пристапила кон дополнителниот протокол бр. 13.

Честопати во судот во Стразбур се доставуваат жалби против член 6: правото на фер-постапка. Ова конкретно значи: секој има право на тоа, неговиот случај да биде расправан јавно и во рамките на соодветен рок во суд што почива на закон, понатаму дека обвинетиот важи за невин сé додека неговата вина не се докаже законски и дека тој има јазично право да ја разбере расправата, да има одбрана и смее да испитува сведоци.

Многу судски постапки се влечат премногу долго и токму ова честопати се расправа во Судот. Една Австријка, која била обвинета и осудена заради измама, ја тужела Република Австрија, бидејќи нејзиниот судски процес траел повеќе од 15 години. Судот и изрекол право нејзе, а ја осудил Австрија на плаќање на вкупно 11.000,00 евра обештетување за товарењата, кои на тој начин паднале врз жената.

Можете да ја тужите Вашата држава!

Посебното во Конвенцијата за човекови права е тоа што Вие како граѓанка или граѓанин можете да ја тужите државата, ако верувате дека таа ги повредила Вашите човекови права! Судот не е надлежен ако Ви наштетило некое друго лице. Значи, можете да поднесете тужба само против државни служби, на пр. управи, судови или претставници на Вашата држава, која ќе биде расправана во Стразбур.

Ова претставува огромен напредок, бидејќи пред постоењето на оваа Конвенција и на судот, ние Европејците бевме беспомошно доставувани на нашите држави при повреди на човековите права! Едноставно не постоеше правна инстанца над нашите држави. Значи, државниот терор и државното своеволие повеќе не се возможни, под претпоставка дека ги знаеме нашите права и знаеме како можеме да се бориме за нив.

Судот за човекови права прави сé што е во рамките на неговите можности за да Ви овозможи да доставувате жалби. На интернет (види линкови во следната рубрика На веб“) можете да најдете важни, лесно разбирливи информации и формулари, кои можете да ги пополните и доставите на Вашиот јазик.

Се разбира, за една тужба мора да бидат исполнети одредени предуслови. Можете да обжалите повреди на права што се наведени во Конвенцијата или во некој од дополнителните протоколи. Вашата држава, секако, мора да ги има овие документи не само потпишано, туку и ратификувано. Ратификувано значи дека националниот парламент на државата се согласува и дека на тој начин државата обврзувачки и дефинитнивно објавува дека сака да се држи до договорот. Од тој момент мора да ги спроведува договорните регулативи.

Друга претпоставка е дека се исцрпени внатрешните државни правни средства. Што значи ова? Ако не се согласувате со одлуката на судот за Вашиот случај и ако, на пример, постои следна повисока инстанца или дури и уставен суд што е надлежен за прашања на човековите права, тогаш најпрво морате да отидете до тој суд пред да се јавите во Судот за човекови права во Стразбур. Важно е во рок од шест месеци по одлуката на последната инстанца во Вашата земја да ја доставите Вашата жалба.

Кога ќе приложите жалба во Судот и истата биде прогласена за допустлива, тогаш Ви е потребен адвокат. Ако Ви недостасуваат финансиски средства, Советот на Европа е подготвен да Ве поддржи со т.н. систем за помагање во трошоците за процесот. Ако Вашата жалба е допустлива, тогаш зависно од случајот, таа ќе биде расправана во некоја од коморите. Одлуката во коморите се донесува според мнозинскиот принцип и е конечна. Одлуките се обврзувачки за државите-членки, а Комитетот на министри е одговорен за тоа да обезбеди спроведување, на пр. на плаќање на обештетувањето на тужителот.

Европскиот суд за човекови права и темелни слободи

Со малку вложена сила за претставување можете да видите вага, симбол на правдата, што сакал да ја претстави архитектот на зградата на Судот.

Европската конвенција за човекови права се состои од два дела: каталог на темелни права и темелни слободи како и уредбата за тоа, како изгледа и работи Европскиот суд за човекови права. Тоа е и посебното и единственото во Европската конвенција за човекови права: таа содржи систем за свое спроведување, имено Судот, кој во моментов може да осуди и казни 45 европски држави, ако државните власти или судови ги повредиле правата на нивните граѓани.

Советот на Европа во моментов брои 46 членки. Есента 2004 пристапи Монако, која веројатно од временски причини сé уште не ја има потпишано и ратификувано Конвенцијата и нејзините протоколи. Сите други држави се договорни држави на Конвенцијата на човекови права и со тоа го признаваат авторитетот на овој суд.

Европскиот суд за човекови права постои во својата актуелна форма од 1998 год. Дотогаш одговорни за спроведувањето на обврските на договорните држави беа три органи на Советот на Европа: Европската комисија за човекови права (од 1954 год.), Европскиот суд за човекови права (од 1959 год.) и Комитетот на министри на Советот на Европа (се состои од министрите за надворешни работи на државите-членки). Жалбите се доставувале најпрво до Комисијата, тие биле предавани до Комитетот на министри и, зависно од околностите, доставувани од страна на еден од двата органа до судот за одлука. Тогаш поединците не можеле да ги поднесуваат своите тужби директно до судот.

Со дополнителниот протокол бр. 11 постапката била ревидирана, а од ноември  1998 постои само уште една единствена судска инстанца: постојаниот Европски суд за човекови права. Бројот на жалбите што стигнуваат во Судот, оттогаш се зголемува со големи скокови: во 2001 год. имаше 13.858 жалби!

Во Судот се активни толку судии, колку што има и земји, значи во моментов 45, при што во моментов е отворена позицијата на судијата од Летонија. Монако сé уште не го има ратификувано дополнителниот протокол и оттаму не поставува судија. Од секоја држава-членка доаѓа по еден судија, при што тој не е претставник на својата земја, а со тоа тој е независен и неопределен. Судиите се бираат од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа за период од шест години.

Структурата на Судот, со своите различни комори, секции и комисии е мошне комплексна и тука нема да навлегуваме во неа. Но, во следната рубрика ќе најдете упатства за тоа каде можете да најдете попрецизни информации на веб страната на Советот на Европа.

[кон содржината]

_________________________________________________


На веб
<