EDC информатор Југоисточна Европа

___________________________________

Издание бр. 2 од 31 јануари 2005

Предговор на издавачот

Драги колеги и колешки,поинаку од навестеното, и за жал со задоцнување, денес го добивате „Специјал“, специјалното издание на информаторот: станува збор за Советот на Европа. Речиси и да не е познат, честопати се помешува со ЕУ, но за нашиот домен на образование особено за демократија, претставува најважна европска институција. Ова важи по однос на две нешта: прво како предмет на политичкото образование и второ како лобист за образовна политика, дистрибутер на ресурси, организатор и спонзор на манифестации и еден вид надредена организација за цела Европа.

 

Досегашни изданија:

> EDC информатор бр.1 (05.10.04)

 

Повод за ова специјално издание е „Европската година за едукација за демократија“, којашто започна со една голема конференција кон средината на декември 2004 год. во Софија. Иако Советот на Европа е политички далеку помалку влијателен од ЕУ, токму за Југоисточна Европа поседува многу поголема непосредна релевантност во областа на унапредување на демократијата и заштита на човековите права. Оттаму заслужува внимание, а јас со овој информатор сакам да дадам придонес и да Ве мотивирам кон тоа да ги сфатите нејзините сопствени активности во едукацијата за демократија како дел од европската година, како и да ги проширувате!Овој информатор е, значи, опширен сервисен пакет за Советот на Европа им се обраќа, пред сé, на оние што не разбираат англиски или немаат можност со денови да ја пребаруваат обемната веб страна на Советот на Европа, барајќи го потребното. За да не Ве оптоваруваме со премногу информации, во следното издание ќе најдете посебен дел за Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за човекови права. Тие се најуспешните инструменти на Советот на Европа.Срдечни поздрави и Ви посакувам сé најдобро во новата година!Ваша Ингрид Халбритер


СОДРЖИНА

Се претставуваме: Советот на Европа е најстарата и, по однос на бројот на земји-членки, најголемата меѓудржавна организација во Европа. Во ова поглавје ќе стане збор за историскиот контекст на неговото основање, структура, цели и работни области.

На пример
 … Европската година на едукација за демократија 2005: едукацијата за демократија или EDC (Education for Democratic Citizenship) е една од најважните задачи на Советот на Европа во доменот на образованието. 2005 е европската година за едукација за демократија, една голема шанса да им се укаже на политичарите, наставниците и граѓаните од цела Европа дека активниот ангажман во општеството и политиката бара способности што се пренесуваат преку образованието. Во овој дел ќе го најдете сето она што морате да го знаете за европската година како и директни линкови за различни публикации и на Вашиот јазик.

На веб: Веб страната на Советот на Европа www.coe.int - Советот на Европа нуди мошне добра и опширна веб страна, којашто заради обемот и структурата е тешко да се користи, особено за оние што не зборуваат англиски. Ова поглавје треба да им понуди на сите заинтересирани еден вид упатство за употреба како и директен пристап до релевантни информации и документи токму на јазиците од Југоисточна Европа.

Редакција


_________________________________________________

Се претставуваме:

Совет на Европа
Ингрид Халбритер

Совет на Европа – нели ова има врска со Европската унија? Па, индиректно да, но фактички се работи за две сосем различни институции, при што Советот на Европа е помалку познат од ЕУ. Факт е: Советот на Европа е најголемата и најстарата меѓудржавна политичка организација во Европа. Неговата структура на членки во меѓувреме се искачи на 46 земји. Како најнови пристапија Србија и Црна Гора и Монако. Сите држави од Југоисточна Европа се членки. Прва пристапи Бугарија во 1992 год.



[46-те држави-членки на Советот на Европа]

Врската со ЕУ постои, во тоа што на пр. ниедна земја досега не пристапила во ЕУ без претходно да била членка на Советот на Европа. Во практичната работа во најново време започнаа соработки, кај одделни прогами двете организации, на пр., ги делат трошоците и планираат заеднички. Ова е случај со големата програма за усовршување на наставен кадар за образование за човекови права во Босна и Херцеговина.Советот на Европа има седиште во Стразбур, во источниот дел на Франција, каде работат безмалку 2000 службеници од сите држави-членки во едно огромно и архитектонски импозантно здание – „Palais d´Europe“ („палатата Европа“) – за човекови права, демократија и спојување на државите во Европа. Секоја година државите-членки даваат околу 180 милиони евра за да ги остварат вредностите поврзани со неа!

Заради подобра читкост одлучив во следните делови да не вметнувам линкови кон веб страната на Советот на Европа. За сите теми што ќе бидат споменати овде, можете да најдете директни линкови во третиот дел од информаторот (На веб).

Основање на Советот на Европа: позадина, контекст и мотиви

Уште во Првата, а пред сé во Втората светска војна многу се размислуваше за тоа, како би можеле во иднина да се спречат такви катастрофи. Поранешниот британски премиер Винстон Черчил својата идеја ја опиша со следниве зборови: „Мораме да создадеме еден вид соединети држави на Европа!

Тогаш имаше различни движења со заедничка цел за поврзување на државите во Европа. Но, тие имаа различни политички мотиви и различни претстави за тоа, колку политичка моќ треба да добие една таква прекудржавна организација.

САД долго време беа против обединета Европа и повеќе преферираа еден меѓународен спој во вид на Обединетите нации (ООН). Дури откако се изостри Студената војна, значи по конфликтот меѓу Советскиот сојуз (вклучувајќи ги неговите сфери на влијание во Источна Европа) и Америка, со своите западно-европски „протежеа“, тие ја поддржаа оваа идеја.

Други европски организации

Во исто време се создадоа други европски организации, во кои (западно) европските земји соработуваа тесно, имено ОЕЕС (Организација за европска економска соработка, германски: Organisation fuer Europaeische Wirtschaftliche Zusammenarbeit), НАТО (North Atlantic Treaty Organisation, германски: Nordatlantische Vertragsorganisation) и Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ) – првиот чекор кон денешната Европска унија.

ОЕСР (денес: OECD, германски: Organisation fuer Wirtschaftliche Zusammenarbeit und Entwicklung) беше основана со цел за организирање на распределбата на средствата за помош од Маршаловиот план.

НАТО
имаше за цел да ги одбрани државите-членки од „комунистичката опасност“. ЕЗЈЧ беше основана од Германија, Франција, Италија, Белгија, Луксембург и Холандија и имаше за цел, преку координација и контрола на тешката индустрија (производство на јаглен и челик), којашто се разбира е најважна за вооружувањето, да го обезбеди мирот и да ја поттикне економијата.

Европски конгрес од Хаг

Но, да се вратиме на идејата за обединување на Европа: по долги подготовки зетот на Винстон Черчил во мај 1948 организираше Европски конгрес од Хаг, на кој се сретнаа преку 1000 проминентни заговарачи на различни движења за европската идеја, од 20 земји. Овој конгрес требаше да покаже, колку беше популарна ваквата идеја, но и да побара дејствување од страна на владите на одделните земји.

За целите постоеше единство: се сакаше да се обезбеди безбедност во Европа преку политичко спојување во иднина, да се изготви Декларација за човекови права и да се воспостави еден суд, којшто требаше да ги спроведува тие одлуки. Но, неединство постоеше по однос на формата и интензитетот на соработката како и видот и начинот, на кој требаше да се донесуваат одлуките. Некои држави сметаа дека едно парламентарно собрание што ќе се состои од припадници на националните парламенти, треба да донесува одлуки. За други, предводени од Велика Британија, ова беше премногу. Тие беа за соработка меѓу владите. Парламентарното собрание требаше да биде активно само како советодавно.

Конечно се изнајде еден компромис и на 5 мај 1949 во Лондон, 10 држави го основаа Советот на Европа. Одлуката требаше да ја донесе комитет на министри и тоа едногласно. Комитетот на министри се состоеше од министрите за надворешни работи на државите-членки. Тоа значи дека Советот на Европа ñ даде прв, нејасен лик на  големата идеја за „Обединета Европа“. Но, надежите за политички моќна организација, којашто се наоѓа над националните држави, беа неисполнети. Организацијата остана во рацете на владите, а со тоа им беше потчинета на одделните сопствени интереси.

Цели: мир и демократија

Целите на Советот на Европа се утврдени во неговиот статут. Член 1 гласи: „Советот на Европа има за задача „… да воспостави потесна поврзаност меѓу неговите членки за да ги заштитат и потпомагаат идеалите и начелата, коишто го формираат нивното заедничко наследство и да го потпомагаат нивниот економски и социјален напредок “.

Со други зборови: Советот на Европа т.е. неговите членки си поставија за заедничка цел во Европа да владее мирот, демократијата, правната држава и социјалната правда и државите да не можат да им нанесат неправда ниту на одделни луѓе ниту на други држави, без казна и освета.

Структура: органи и институции

Пред да погледнеме, како се реализираат овие свети цели, да фрлиме поглед кон структурата на Советот на Европа. Притоа правиме разлика меѓу неговите органи, институции и организацијата на работата во пракса. Во статутот се вградени два органи: Комитетот на министри и Парламентарното собрание.

Советот на министри се состои од министри за надворешни работи на 46-те држави-членки, односно на нивните постојани претставници, коишто живеат во Стразбур и се состануваат секоја недела, а во различните тематски комисии дури и почесто. Министрите за надворешни работи се состануваат двапати годишно. Комитетот на министри одлучува, на пр., за приемот на нови членки, донесува конвенции, спогодби и препораки, буџет како и работна програма на Советот на Европа.

Парламентарното собрание во моментов се состои од 313 претставници и 313 заменици на 46 национални парламенти. Нивниот број по земја зависи од бројот на населението на земјата-членка. Постојат пет големи политички фракции. Седниците се одржуваат тромесечно во Стразбур и се јавни. Задачите на собранието, меѓу другото, се:
-
избор на Генералниот секретар и на судиите при Судот за човекови права;
-
набљудување, дали државите-членки се придржуваат кон своите обврски;
-
дебати на политички прашања и случувања;
-
предлози до Комитетот на министери (на пр. за Европската конвенција за превенција од мачење).
Важни задачи се извршуваат во 12 различни комисии. Како пример може да послужи Комисијата за еднаквост на мажите и жените.

Генералниот секретар и неговата заменичка

Новиот Генерален секретар е Британец и се вика Тери Дејвис. Тој има големо искуство како во приватната економија така и во британската и меѓународната политика, беше долги години член на британски делегации и комисии при Советот на Европа и други европски и меѓународни организации. Неговата заменичка е Холанѓанка и се вика Мауд де Бур-Букичио. Од 1969 работи при Советот на Европа и во најголем дел од времето беше во Судот за човекови права.

Генералниот секретар и неговиот заменик се бираат на пет години од страна на парламентарното собрание, а по препорака на Комитетот на министри. Тие се одговорни за остварување на целите на Советот на Европа. Ова конкретно значи дека тие го поставуваат стратешкиот курс и носат одговорност за секојдневното работење.

Понатаму, во Советот на Европа постојат три институции: Европскиот суд за човекови права, Комесарот за човекови права и Конгресот на општините и регионите.

Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур се состои од 46 судии (по еден од држава-членка). Негова задача е да одлучува дали е повредена Европската конвенција за човекови права. Во следниот инфроматор ќе најдете детален опис!

Институцијата Комесар за човекови права е релативно нова: воспоставена е дури во 1999, веројатно како одговор на наеднаш зголемениот број на жалби што се доставуваат до судот. Комесарот се избира од парламентарното собрание на шест години. Негова главна задача е да ја подготви реализацијата на Конвенцијата за човекови права. Тоа значи, на пр., да се набљудува дали се почитуваат човековите права, да се дознае дали постојат проблеми во националното законодавство и да се соработува со други организации, коишто ги штитат човековите права.

Конгресот на општини и региони се состои од 313 избрани претставници на општинските и градските совети и кантонски парламенти на државите-членки на Советот на Европа. Конгресот заседава еднаш годишно. Постојаната работа се врши од страна на секретаријат со 40 вработени во Стразбур. Конгресот го советува Комитетот на министри и Парламентарното собрание по сите прашања од општинската и регионалната политика.

Демократијата на регионално и општинско ниво е од големо значење за Советот на Европа, бидејќи таму владее најголемата блискост меѓу политиката и граѓаните! Работата на Конгресот е особено важна токму за „новите демократии“ од Источна и Југоисточна Европа и постојат многу програми што се насочени токму кон Балканот. Така на пр., Европската Повелба за локална самоуправа (1985) им служи на земјите како модел за нивните реформи, постои форум на градови и региони во Југоисточна Европа, којшто се среќава секоја година, како и база на податоци, каде што се документирани партнерствата меѓу градови и региони.

Внимание: опасност од мешање на поимите!

Совет на Европа

Европски совет

46 држави-членки, седиште во Стразбур

Средба на шефовите на држави и влади на ЕУ

Парламентарно собрание на Советот на Европа

Европски парламент

Парламентарен орган на Советот на Европа, 313 пратеници и 46 држави-членки

Парлементарен орган на ЕУ, 723 пратеници од 25 држави-членки

Европска комисија за човекови права

Европска комисија

Постоеше до 1998. Дотогаш испитуваше дали се дозволени жалби според Конвенцијата за човекови права.

Егзекутивен орган на ЕУ. Се состои од 25 комесари од државите-членки на ЕУ.

Европски суд за човекови права

Европски суд

Седиште во Стразбур. Води грижа за спроведување на Конвенцијата за човекови права.

Седиште во Луксембург. Надлежен за изложување и примена на договорите на ЕУ.

Европска конвенција за човекови права

Универзална декларација на човековите права

Договор, со кој државите-членки на Советот на Европа се обврзаа да ги почитуваат основните слободи и права. На сила од 1953.

Прифатена во 1948 од Обединетите нации (ОН) за подобро да ги заштити човековите права.

Задачи и работни полиња на Советот на Европа

Преку описот на органите и институциите стана веќе малку појасно, во што се состојат задачите и работните полиња на Советот на Европа. Речиси е невозможно да ги резимираме на неколку страници, а притоа да бидеме толку конкретни, што ќе можете да си создадете слика. Оттаму во овој дел би сакала накратко да ги набројам најважните полиња на задачи и да се задржам поконкретно на два примера: доменот на образованиеГраѓанство и демократско образованиеи Европската конвенција за човекови права (види во следното издание на информаторот).

Во Советот на Европа се прави разлика меѓу четири големи домени на задачи, имено човекови права, правни работи, социјална кохезија и образование/култура. Овие домени на задачи се организирани во четири т.н. генерални дирекции, значи големи одделенија, коишто, пак, се состојат од голем број секретаријати и други одделенија.

Правни работи (Генерална дирекција I)

Задачата на оваа работна област е да ги хармонизира правните системи на државите-членки кон стандардите и нормите на Советот на Европа и да дејствува во насока на тоа, демократијата да стои во служба на правото. Генералната дирекција се состои од бројни канцеларии, дирекции и комисии. Службата за правно советување на пр. дава интерни правни совети и поддршка. Канцеларијата за договори ги чува сите оригинални договори, собира задршки, повлекувања и измени. Дирекцијата за правна соработка, заедно со државите-членки работи на модернизација на нивниот правен систем и нивно усогласување со принципите на демократија, човекови права и правна држава. Покрај тоа, постојат и различни комитети и комисии што се занимаваат, на пр., со локална самоуправа, кривично право, биоетика и уставни прашања.

Човекови права (Генерална дирекција II)

Во доменот „човекови права“ спаѓа Европската конвенција за човекови права и Судот како и сите задачи што се поврзани со промоција и контрола на придржувањето кон човековите права и надзор на спроведувањето на одлуките на судот. Ако некоја држава-членка не спроведе одлука на Советот на Европа (на пр., ако не плати обештетување на тужителот), тогаш неговото членство може да биде изоставено или завршено. Тоа државите, пред сé новите демократии, се разбира не можат да го ризикуваат, бидејќи ова би имало последици, на пр., по процесот на интеграција во ЕУ. Во следниот информатор попрецизно ќе ги опишам одделните задачи во ова работна област и, како што веќе навестив, ќе обрнам посебно внимание на Конвенцијата за човекови права и на Судот за човекови права.

Социјална кохезија (Генерална дирекција III)

Оваа работна област се занимава со различни аспекти на социјалната кохезија и на животниот квалитет. Тука спаѓаат, теми како подобрување на обезбедувањето за социјално слабите лица, значи невработените, за стари луѓе и деца, интеграција на лица со посебни потреби, однесување со Ромите и миграција, медицинско снабдување и етички аспекти како и злоупотреба на дрога. По однос на темата „дрога“ работи, т.н. група „помпиду“, еден круг на експерти, коишто, меѓу другото, имаат издадено прирачник за тоа, како младите можат да се убедат во тоа да не конзумираат дроги.

Образование, култура и културно наследство, младина и спорт (Генерална дирекција IV)

Во оваа област спаѓа еден широк спектар на мерки, кој се протега од електронски фото изложби за превенција од дрога до понуди за усовршување на наставници. Само одделението „образование“ опфаќа високо образование, учење историја, интеркултурно образование, јазици, Роми и деца на цигани и образовни реформи воопшто.

Во областа високо образование, станува збор за меѓусебно признавање на дипломи и спроведување реформи. Поддршка на наставниците по историја им се дава во форма на прирачници и тренинзи. Советот на Европа поддржува меѓународни обуки на наставен кадар, коишто се организираат од слободни носители на такви активности, а во соработка со министерствата за образование. Ако Вашата апликација помине успешно, ќе Ви бидат покриени патните трошоци и трошоците за престој. Образованието на Ромите се поддржува со донесени конвенции, студии и анализи, изработка на наставен материјал и усовршувања.

Интеркултурното образование се промовира, исто така, на различни нивоа: на образовно-политичко ниво со донесување декларации и со конференции, со објавување на примери на добри практики како и со обуки на лица од праксата.

[кон содржината]

_________________________________________________


На пр ...

2005: Европска година на образование за демократија

Со овој пример сакам да Ви укажам на две нешта: од една страна треба да добиете увид во тоа како работи Советот на Европа и што тој конкретно прави, а од друга страна овие информации се релевантни и корисни за Вас и Вашата практична работа.

Почетоците на програмата за образование за демократија во Советот на Европа

Шефовите на држави и влади на државите-членки се сретнаа во Стразбур во октомври 1997 и констатираа дека може да се забележи повлеченост од незадоволство на граѓаните кон политиката. Ова се покажува, на пр., во незначителното учество на избори. Затоа тие се одлучија да започнат иницијатива за образование за демократија. Советот на Европа стана активен на две нивоа: од една страна Комитетот на министри, Парламентарното собрание и министрите за образование донесоа декларации и препораки, коишто имаа за цел образование за демократија, а од друга страна се започна конкретен проект, чиј привремен врв е Европската година на образование за демократија-2005.

Политички рамки

Но, најпрво за политичките декларации и препораки. Тие не се правно обврзувачки за државите-членки на Советот на Европа (како на пр. Конвенцијата за човекови права), но претставуваат мошне силно политичко барање, коешто го влече својот авторитет оттаму што самите држави-членки, преку своите официјални претставници на највисоко ниво, се одлучија за тоа.

Во т.н. Декларација од Будимпешта министрите за надворешни работи на државите-членки во 1997 одлучија да му придадат висок приоритет на образованието за демократија, да донесат препорака и да изработат работна програма. Во 2000 год. се сретнаа министрите за образование на Советот на Европа и ја донесоа Одлуката од Краков. Таму се формулираше заедничко разбирање за образованието за политика, коешто оттогаш ја дава насоката.

Најважниот документ е
Препораката на Советот на министри (овде на германски) до државите-членки од октомври 2002. Тие јасно се повикуваат, во своите образовни политики да дадат приоритет на областа на образование за демократија, да поддржуваат иницијативи што ќе ја унапредуваат таа област и да реализираат соодветни активности. Во прилог кон препораката, која содржи цели на учењето, методи, водичи за образование и обука на наставен кадар како и упатства за примена на нови медиуми, се укажува, меѓу другото, на значењето на интердисциплинарните пристапи (на пр. образование за демократија во јазичната настава), интеграцијата на формално, воншколско и неформално образование и креативната примена на нови медиуми (компјутер, интернет, ЦД-ром, мултимедија). Препораката стои на располагање и на хрватски. На оваа страна можете да ги погледнете релевантните политички документи за учење демократија (сите на англиски јазик).

Програма за учење демократија

Откако во 1997 год. се донесуваат вакви одлуки за учење демократија при Советот на Европа, во оваа област работат повеќе службеници во засебно одделение. Оттука можете да отидете директно кон соодветниот дел од веб страната.

Оттогаш се реализирани голем број проекти што имаат иста цел: да го пренесуваат понатаму значењето на образованието за демократија и човекови права, да создаваат и прават достапни корисни материјали, да создаваат партнерства и да нудат усовршувања. Неколку конкретни примери:

Мрежа на координатори од цела Европа: Советот на Европа ги замоли државите-членки да номинираат по едно лице што ќе треба да биде надлежно за образование за демократија. Оттогаш постојат 46 координатори на EDC. Најголемиот дел од нив работат во министерствата за образование, некои работат на универзитети или во невладини организации. Овие координатори се среќаваат два пати годишно, разменуваат информации и искуства, даваат информации од својата земја до Советот на Европа и шират информации од Советот на Европа во својата земја. Во засебен pdf-документ можете да најдете листа со координатори од Вашите замји и податоци за контакт. Јас ги познавам лично сите координатори. Тие се мошне пријатни и ангажирани, значи можам само да Ви препорачам да воспоставите контакт!

Студии за земји за образование за демократија: за да се добие подобра претстава за тоа, колку е напреднато образованието за демократија во одделни земји, Советот на Европа даде налог за изработка на студии во земји, со кои се испитуваат следниве аспекти: Како изгледа образовната политика? Какви се законската рамка? Постои ли образование за демократија во наставните планови? Какви приватни и воншколски активности се одвиваат? Заклучоците од овие студии беа резимирани и за Југоисточна Европа беше констатирано: законите постојат, добрите намери исто така, донекаде и наставни планови и учебници, но недостасува практична реализација!

Семинари на тема образовна политика и образование за демократија: Советот на Европа реагираше на тоа и ги покани претставниците од државите-членки на семинар во Стразбур, каде што се тематизираше токму ова прашање: како можеме да ја воспоставиме врската меѓу теоријата и праксата? Тој, значи поддржува семинари, усовршувања и конференции, коишто најчесто се организираат во државите-членки, со тоа што тој ги финансира, на пример, патните трошоци и хонорарите на експерти, кои што одржуваат предавање и работилници.

Развој на материјал за лица од праксата: за да се поддржат лицата од праксата Советот на Европа издаде налог за изработка на глосар (германски), којшто накратко ги објаснува поимите што се важни за образованието за демократија. Понатаму постои уште едно големо дело, во кое се објаснува кои способности би требало да ги поседува еден идеален граѓанин. Линкот до него можете да го најдете подолу во овој дел.
Европска година на образование за демократија: да учиме и живееме демократија

Најновиот проект е Европската година на образование за демократија. Советот на Европа оваа година го координира тоа што бугарската влада претходно го предложи. Тоа значи, Советот ги организира средбите на работните групи, подготвува концепти, дава налог за изработка на лого, поставува релевантни информации на интернет и ја организираше конференцијата на почетокот на годината.

Европската година на образование за демократија може да се опише како еден вид целоевропска кампања или како политичка рамка. Надредената цел оваа година е да се стави јасно до знаење, колку е важно образованието за да се мотивираат и оспособат граѓаните за активно вклучување во обликувањето на заедничкиот живот. Ова, се разбира, може да значи многу нешта: да се оди на избори, темелно да се информираме за програмите на политичките партии, да се формира граѓанска иницијатива против градењето на голем пат, да се организираат демонстрации, да се соделува во некоја невладина организација, да се основа младински парламент во училиште, да им се помага на бегалци и сиромашни лица и многу друго.

Колку е важно образованието за активно ангажирање на граѓанинот треба да стане јасно во 2005 и по неа во сите 46 држави-членки на Советот на Европа. Ова конкретно значи: оваа година сите вклучени страни се повикуваат да работат особено интензивно на тоа да се одржуваат поголем број образовни мерки за активен ангажман на граѓанинот и сите луѓе од Европа да разберат дека не може да постои демократија без образование за демократија.

Образовните политичари, значи, оваа година треба засилено да започнат да го интегрираат образованието за демократија во наставните планови во училиштата повеќе отколку досега, треба да се пишуваат и печатат учебници, наставниците треба да бидат обучувани, директорите на училиштата треба да размислат, како во нивното училиште може да се воведат аспекти на „демократија во животот“ (значи учество на учениците во одлуките), институциите за образование на возрасни треба да даваат понуди за курсеви по образование за демократија и многу друго. Сите родители и воопшто сите граѓани преку радиото, телевизијата и печатот треба да дознаат дека преку едно заедничко лого, коешто можете да го видите во горниот дел на овој информатор, образованието за демократија претставува голема тема во цела Европа со своите 800 милиони жители!

Ако во некое мало село во Бугарија се одржува семинар за 15 младинци, тогаш тоа не е малечка, изолирана активност, туку една од илјадниците активности што се реализираат во 46 земји во 2005 година. Советот на Европа презеде нешто како подготовка за овој потфат да успее не само во цела Европа, туку и за да биде примен од јавноста и сите вклучени страни онака, каков што фактички е: заеднички европски напор за демократија и човекови права!

Затоа Секретаријатот, којшто оваа година координира, им нуди за поддршка на сите вклучени страни, а тука сте и Вие, една веб страна, која за жал е само на англиски јазик. Но, по однос на содржината во овој информатор ќе ги најдете сите информации. Подолу можете да најдете линкови до документи што ги има и на други јазици. Она што можете да го користите во секој случај, е логото, слоганот, постерот и други материјали (директен линк), коишто стојат на располагање за симнување. Ако сакате да го искористите логото за Ваши активности за образование за демократија (како на пр. за овој информатор), треба да го информирате координаторот од Вашата земја.

Материјали

Советот на Европа изготви цела редица прирачници и материјали што можат да се користат во учењето демократија и едукацијата за човекови права:

КОМПАС: опширен прирачник со практични упатства за тоа како се обликува настава по човекови права. Англиската, француската и руската верзија можете да ја погледнете и симнете од интернет:
Компас англиски француски руски
КОМПАС е преведен и на босански, бугарски, германски, хрватски, македонски и романски, но колку што ми е познато не е објавено на интернет. Ве молиме обратете се до соодветниот EDC-координатор за добивање на податоци за контакт со одговорните организации!

Европската повелба за демократско училиште без насилство: оваа повелба беше подготвена и донесена на една конференција во јули 2004 од ученици од цела Европа. Младите ги повикуваат сите училишта, врз основа на овој текст да размислат за тоа како институцијата училиште може да биде ослободена од насилство и како можат да се реализираат демократски вредности во рамките на можното.
Повелбата на сите јазици

Куфер со алатки за образование за демократија („EDC пакет“): Советот на Европа разви цела редица документи што треба да дадат поддршка во работата на луѓето што се занимаваат на различни нивоа со образование за демократија (образовни политичари, службеници во министерства за образование, вработени во институции за усовршување, тренери за наставен персонал, наставници, соработници во НВО-и итн.). Куферот со алатки е погодна слика, бидејќи секој може да ја избере алатката што му е потребна. Има 5 алатки (оттука имате директен пристап до страната, за жал, сета содржина досега е достапна само на англиски и со мошне долго време за симнување!):

  • Алатка 1 се состои од глосар во кој се објаснуваат поими од образованието за демократија и студија, која резимира каква е насоката на Советот на Европа по однос на образовната политика во доменот на образованието за демократија.
    Глосар на германски,  Глосар на англиски,  Глосар на француски, Студија на англиски,  Студија на француски
  • Алатка 2 се однесува на демократското организирање на образовни институции и претставвува една меѓународна студија, којашто покажува дека учениците, кои се стекнуваат со образование за демократија и се ангажираат, на пр., во училишни парлементи, се поактивни граѓани и надвор од училиштето. Студија на англиски
  • Алатка 3 е публикација на тема „усовршување на наставен персонал“. Таа опфаќа 43 страници во англискиот оригинал и низ четири поглавја ги тематизира следниве теми: нужноста од усовршување на наставен персонал, структури и механизми што мора да знае наставникот, и процесите и методите потребни за тоа: Усовршување на настаен персонал на англиски. Веројатно овој документ наскоро ќе биде преведен на други јазици.
  • Алатка 4 е публикација што се занимава со прашавањето на обезбедување квалитет во образованието на демократија. Оваа алатка ќе биде биде достапна со своја конечна верзија во текот на следните недели и ќе стои на располагање за симнување од интернет. Сметаме на тоа дека најдоцна до есен 2005 ќе бидат завршени преводите на јазиците од Југоисточна Европа. За тоа благовремено ќе Ве информирам.

Други материјали што можете практично да ги користите: Д@далос, во соработка со Советот на Европа, уште во 2000 на својата веб страна стави на располагање еден прирачник, кој дава теоретски и практични упатства за тоа како се третирааат човековите права во наставата. Јазично овој прирачник го разбираат корисниците од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора.
Одделението за млади во Советот на Европа изработи еден т.н. тренинг-кит, во кој можете да најдете помош за интеркултурно учење и реализација на тренинг активности воопшто. Покрај теоретската позадина за интеркултурно учење се нудат и конкретни и детални упатства за вежби (на пр. социјални игри). Тренинг-кит на англиски,  Тренинг-кит на француски

Студии на тема „учење демократија“:

  • Франсоа Аудигие: Клучни компетенции на демократскиот граѓанин; Наслов на оригиналот: Basic Concepts and Core Competencies for Education for Democratic Citizenship албански англиски хрватски српски
  • Цезар Бирзеа: Учење демократија - целоживотно учење; Наслов на оригиналот: Education for Democratic Citizenship. A lifelong learning experience. англиски романски српски
  • Карлхајнц Дир: Учење демократија во Европа; Наслов на оригиналот: Strategies for Learning Democratic Citizenship. германски англиски француски хрватски српски
  • Цезар Бирзеа: Студија за политиките на едукација за демократија во цела Европа; Наслов на оригиналот: All-European Study on Policies for Education for Democratic Citizenship. англиски и француски
  • Цезар Бирзеа: Студија за политиките на едукација за демократија во цела Европа - Регион Западна Европа германски

Библиографии

Митја Сардоц од Словенија изготви една опширна библиографија на англиски јазик со кратки коментари. Најголем дел од наведените дела можат да се нарачаат од Советот на Европа. Една друга библиографија на англиски јазик претставува публикации на темата за демократски структури (на пр. во училиште) и учење демократија.
Линк до двете библиографии

Практични идеи, како можете Вие конкретно да се вклучите во образованието за демократија оваа година:

1)  Воспоставете контакт со Вашиот координатор! Во сите земји на Југоисточна Европа обучени се национални координатори, коишто ги координираат сите активности на национално ниво. Вашиот координатор може да Ве информира за национални акциони планови или можеби Вие би можеле дури и директно да работите во комисијата!

2)  Ако сте самите активни во образованието за демократија, можете да ги прогласите Вашите семинари, курсеви и публикации како придонес кон Европската година и тоа да го нагласите во јавноста, на пр. во информациите за печат или во разговор со новинарите.

3)  Можете, во разговор со Вашиот координатор, да ги употребувате логоата на своите публикации, документација од семинарите и други документи и со тоа да ставите јасно до знаење: оваа мерка не стои сама за себе, туку е камче од мозаикот на една акција што се одвива во сите 46 земји од Европа!

4)  Можете да организирате манифестации или публикации за наставници или други мултипликатори и да им ги пренесувате тие информации ним во текот на целата година.

5)  Ако соработувате со образовни служби на регионално и општинско ниво, можете да ги информирате службениците во текот на годината, ако дотогаш не слушнале за тоа. Можеби упатувањето кон тоа дека сопствената влада го смета образованието за демократија мошне важно и се залага за реализација на оваа Европска година, може да помогне кај практични проблеми со министерствата, инспекторатите или институтите за усовршување на наставниот персонал.

6)  Цитирајте ги политичките документи кога поднесувате барања за финансирање или замолувате за одобренија за образовни мерки! Персоналот во службите и кај донаторите мора да разбере дека Вие дејствувате според политичките намери и одлуките на Вашата влада!

7)  Посетете ги канцелариите на Советот на Европа во Вашата земја и пишете им на лицата за контакт. Можеби овие канцеларии имаат важни информации за годината и се во состојба да извршат преводи на текстови, коишто дотогаш ги нема на Вашиот јазик.

8)  Среќавајте се со други понудувачи на образовни мерки или состанете се со Вашите колеги и колешки во училиште. Можеби ќе Ви падне некоја добра идеја за тоа како можете да се вклучите во оваа година како институција.

[кон содржината]

_________________________________________________


На веб

Веб страната на Советот на Европа www.coe.int

Што можете да очекувате од неа

Интернет понудата на Советот на Европа е огромна и мошне информативна, но токму заради обемноста и големиот број јазични верзии е прилично тешко да се пронајде токму она што сакаме да го дознаеме. Понудата не содржи само текстови и информации за Советот на Европа, туку и цела редица документи, преписи од одлуки на судот, наставни материјали и друго.

Во овој дел ќе Ве поведам низ страната и ќе Ви покажам како можете брзо и целно ориентирано да дојдете до општи информации за Советот на Европа, и на Вашиот мајчин јазик. Од помош би можеле да Ви бидат наставните материјали развиени токму од Советот на Европа, коишто во најголем дел ги имате и на Вашите јазици. Понатаму ќе Ви го покажам германскиот портал и ќе Ви ги објаснам двете функции за пребарување.

Освен тоа, ќе најдете упатства, каде што покрај готовите брошури можете да најдете информации за органите на Советот на Европа. Прецизното тематизирање на одделните работни области го сметам во овој контекст за помалку релевантно, особено затоа што деталните информации стојат на располагање само на англиски јазик. На крајот ќе Ве одведам до неколку конкретни ресурси, коишто би можеле да Ви послужат во образовната област и ќе Ви укажам директно на местата, каде што можете да нарачате или симнете публикации.

Јазични верзии на веб страната

Ако не саката да ја користите англиската јазична верзија, преку линкот SITE MAP (мапа на сајтот) стигнувате до еден прозорец, преку кој можете да изберете меѓу 32 други јазици. Портали има за јазиците: англиски, француски, италијански, руски и германски. Сепак, честопати само почетните страни се на соодветните јазици, сите други документи се повторно само на англиски јазик.

За Југоисточна Европа (ЈИЕ) во моментов постои редуцирана понуда на информации на албански, босански, бугарски, хрватски, македонски и романски: општи информации за Советот на Европа и наставни материјали за наставниците со цел да им ја објаснат Европската конвенција за човекови права на учениците.

За Советот на Европа и наставни материјали

Општата информација во Советот на Европа, 800 милиони Европејци“ (околу 100 страни) навистина Ви дава добар увид во историјатот, структурата, начинот на функционирање и работните полиња како и конкретни активности. Покрај тоа, тука ќе најдете голем број упатства кон литература, адреси на информативни центри во одделните земји и накратко објаснети линкови кон други интернет страни.

На истото место ќе го најдете наставниот материјал. Германската јазична верзија Ви нуди 10 работни листа на тема Демократијата во наставата“. Секоја подтема се опишува накратко, се формулираат цели на учењето и се даваат идеи за вежби и активности во наставата. На пр., на тематаОдговори на мултикултурно општество се дава идеја, секој ученик да изготви стебло на своето семејство и да утврди, од каде потекнуваат неговите предци. За жал, овие работни листови не се достапни на јазиците на Југоисточна Европа. Порај овие, на германски јазик има 10 работни листа и 5 информативни листа на тема човекови права.

На сите јазици од ЈИЕ лесно можете да најдете информации за Советот на Европа и Конвенцијата за човекови права како и упатства за вежби, коишто можат да се реализираат со ученици. Еве ги директните линкови кон одделните јазици: албански, босански, бугарски, германски, хрватски, македонски, романски, англиски

Вашата земја во Советот на Европа

Ако сакате да дознаете поконкретно за Вашата земја, тука можете да најдете кратки профили за земјите. Можете да прочитате кратка биографија на Вашиот министер за надворешни работи што седи во Комитетот на министри, и да ги дознаете сите имиња, телефонски броеви и E-mail адреси, можете дури да видите и портрет слики на личностите, кои ја застапуваат Вашата земја во Советот на Европа (значи во постојаните претставници и пратениците во парламентарното собрание како и во Конгресот на општините и регионите). Исто така, можете да прочитате кои конвенции Вашата земја веќе ги потпишала и ратификувала.

Германски портал

За да Ви ја покажеме проширената понуда, го препорачувам германскиот портал, низ кој сакам сега да Ве поведам. До него можете да стигнете или директно преку горниот линк или по нормален пат преку англискиот SITE MAP и со кликнување на полето „German portal“.

За да дојдете до прегледот на понудените теми, појдете до линкот SITE MAP. Ако не сакате да одите премногу во длабочина и барате преглед на едно место, тогаш сте на вистинското место. Ќе најдете прецизни информации за создавањето и историјата, структурата и работните полиња. Текстовите се сосем актуелни, од летото или есента 2004, а таму имате пристап и до логоата и готовите брошури во различен обем.

Пребарување и (се надевам) пронаоѓање

Ако барате информации за некоја мошне специфична тема, претпоставувам дека ќе можете да ја најдете во Themen-Index von A – Z (Тематски индекс А-Ш). Недостатокот е тоа што повеќе од половината на страните се на англиски јазик. Постои и втор начин на пребарување: преку функцијата „Search“ (Пребарувај) на горната хоризонтална лајсна или директно тука. Но, пребарувањето е возможно само во петте главни јазици. За пребарувањето новини можете да ги внесете или хронолошкото објавување на новините, тоа можат да бидат конференции, публикации на книги, декларации, или поими. Кратките текстови од неколку реда ретко водат до други извори на интернет. Понатаму постои мошне обемно пребарување на документи и различни бази на податоци, до кои можете да пристапите оттука.

Прецизно објаснети органи и институции

Ако барате детални информации за одделните органи и институции, можете да ги најдете на страната SITE MAP.

Работни областисамо на англиски

Подолу и лево на страната SITE MAP се појавуваат четири работни области (активности) – човекови права, правни работи, социјална кохезија и образование/култура/младина/спорт. Само кратките воведни текстови се на германски јазик, сето останато стои на располагање на англиски и француски јазик.

Човекови права - многу добри информации и материјали!

Одделението „Соработка и формирање свест“ дава на располагање мноштво информативни материјали за различни аспекти на човековите права, и тоа делумно на различни јазици. Така, на пр., можете да најдете краток водич низ Европската конвенција за човекови права на албански, хрватски и руски јазик. Пристапот е малку сложен, но се исплатува: на оваа страна можете да најдете три различни пристапи кон една база на податоци. Првата најдобро игнорирајте ја, бидејќи е тешка за опслужување.

Во средината на страната се наоѓа база на податоци со 14 документи. Селектирајте го саканиот јазик и насловот „Subject“. Веднаш ќе најдете листа со сите документи што постојат на овој јазик.

Токму под него се наоѓа трет пристап со околу 80 документи. Селектирајте го англискиот наслов на документот, за кој сте заинтересирани. Веднаш ќе можете да видите кои документи стојат на располагање како pdf-документ и на кои јазици. Примери за документи:

  • Прирачник на тема „Заштита на правата на жената“ (српски, македонски)
  • Документ за одбивање на отслужување воен рок од убедување (англиски, српски)
  • Европска повелба за регионални јазици и јазици на малцинствата (српски, турски)

Култура и образование

На почетната страна за образование, култура, културно наследство, младина и спорт накратко е презентирано во кои области е активен Советот на Европа. Иако линковите на левата страна покрај описите на одделните работни области се на германски јазик, ќе се разочарате, бидејќи сите други страни се достапни само на англиски јазик. Еве неколку важни линка:

Избрани извори во областа на образованието

Во следниот дел избрав неколку извори, делумно на неколку јазици, кои би можеле да Ви бидат интересни:

Ако работите како наставник по физичко образование или во некој спортски клуб и сакате да дознаете, како да се однесувате со темите допинг и фер игра, можете да ги најдете антидопинг конвенцијата и прирачник двете на англиски јазик.

За наставници по историја би можела да биде интересна Препораката на Комитетот на министри за наставата по историја (на англиски јазик и на неколку јазици од Југоисточна Европа). За темата Предавање историја на Европа во 20 век можете да најдете прирачници за наставници на англиски, албански и српски јазик. Жан-Мишел  Лекомт го напиша делото „Teaching about the Holocaust in the 21th Century” (на англиски јазик).

Еден невообичаен метод за пренесување историја е симулацијата на исторски случувања: овде можете да најдете извештај на англиски јазик, во кој детално е опишано, како била конципирана, организирана и спроведена симулацијата на мировните преговори од Версај 1919 год.

Ме воодушеви една англиска публикација, која опширно тематизира 50 филма на теми национализам, жени, имиграција и човекови права и дава упатства за нивна употреба за педагошки цели.

Сите важни линкови за релевантни документи и материјали за образование за демократија беа тематизирани во претходниот дел за европската година.

Публикации на Советот на Европа на англиски јазик

Советот на Европа публикува безброј англиски публикации, кои можете да ги симнете или како pdf-документ или можете да ги нарачате во Стразбур за одреден придонес.
Нарачка
на публикации во доменот на образование за демократија
Нарачка
на публикации во доменот на образованието

[кон содржината]

_________________________________________________

Редакција

Овој информатор се издава од Д@далос Сараево, а се финансира од Министерството за надворешни работи во Берлин и Сојузното министерство за економска соработка и развој (БМЗ).

Одговорен уредник: Ингрид Халбритер

Адреса: D@dalos Сараево
Алеја Липа 57
71000 Сараево
Телефон: +387 33 715 600 (канцеларија Храсно)
Телефон /факс: +387 33 446 680 (канцеларија Вратник)
Факс: +387 33 715 601
Мобилен на Ингрид Халбритер: +387 61 276 381
E-mail:
Ingrid.Halbritter@dadalos.org

Прилозите за информаторот Ве молиме директно доставете ги до
Ingrid.Halbritter@dadalos.org

Мејлинг листа: Ако сакат
e да го добивате овој информатор на секои два месеца, Ве молиме обратете и се на
Ingrid.Halbritter@dadalos.org

[кон содржината]

[нагоре]